Мапирани девет диви депонии во Охрид, подигнати 48 кубни метри отпад

Екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ мапирале девет диви депонии на локации каде што континуирано интервенираат поради несовесно фрлање отпад.

Депониите се евидентирани кај станбениот комплекс во Даљан, на улицата „Шар Планина“, во населбите Лескајца и Воска, на улицата „Дејан Војвода“ и во селото Трпејца. Од овие локации се подигнати вкупно 48 кубни метри кабаст, зелен и градежен отпад.

Од претпријатието апелираат дека одговорноста за чиста и здрава животна средина е заедничка и потсетуваат дека, и покрај постојаните активности за подигнување на еколошката свест, на истите локации повторно се создаваат диви депонии поради неправилно депонирање на отпадот.

Од ЈП „Охридски Комуналец“ изразуваат надеж дека ваквите слики нема да станат секојдневие и ги повикуваат граѓаните заеднички да придонесат за почист и поуреден Охрид.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани