Младите мотивирани за активизам во образованието и општеството

Мотивирани да учат, да се развиваат и да соработуваат, членовите на Младинската заедница во охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ работат на постојано унапредување на наставата, слободното изразување и младинското организирање. Новото раководство има за цел активно да се грижи за потребите и проблемите на учениците, да го засили ученичкото учество во одлучувањето и да овозможи простор за реализација на нови идеи и иницијативи.

Во текот на оваа учебна година, фокусот ќе биде ставен на активности кои поттикнуваат волонтерство, меѓусебна поддршка и развој на младинскиот активизам – како во училиштето, така и во пошироката заедница.

 „Член на Младинската заедница сум веќе три години. Нашата цел е активно да се грижиме за потребите и проблемите на учениците и да го поттикнеме младинскиот активизам. Сакавме да создадеме простор за нови идеи и младински иницијативи. Ние како младинска заедница остануваме посредник меѓу учениците и раководството за сите предизвици со кои се соочуваме“, изјави Иво Георгиевски, претседател на Младинската заедница.

Во минатиот мандат се реализирале многу настани и програми, од кои 20 до 30 продолжуваат да функционираат и понатаму.

-„Нашиот фокус најчесто го ставаме на еколошки проекти, активности за деца и млади, како и заштита на човековите права. Одржуваме состаноци на кои дискутираме како да го подобриме нашето учество во заедницата и ќе продолжиме со вакви проекти“, рече Ангел Трајчевски, потпретседател на Младинската заедница.

Учениците велат дека најмногу сакаат практична настава, експерименти, како и посети на музеи и споменици.

„Приоритет ни се еколошките проекти и проектите што ги потенцираат и штитат детските права. Реализираме и кратки работилници, соработуваме со Црвениот крст, организираме показни вежби и ги одбележуваме различните светски денови“, истакна Зорица Стевоска, секретар на Младинската заедница.

Младинската заедница брои околу 50 членови, составена е од претседателите на сите класови, а голема поддршка имаат од професорите и раководството на училиштето. Финансирањето се обезбедува преку собирни акции.

 

Новинар Соња Рилковска

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани