Во рамки на програмата на Општина Охрид „За сите деца“ вчеравечер на малиот плоштад „Вангел Наумовски“ се одржа Детски хепенинг со неколку интересни активности.
На свеченото отворање на настанот, во името на Локалната самоуправа, присутните ги поздрави Ана Крстеска, заменик градоначалник.
На отворениот простор на плоштадот присутните имаа можност да ја погледнат изложбата „Низ детските очи“ од охридската сликарска школа „Пробај уметност”, реализирана од Здружението „Тактус“ од Охрид.
На плоштадот беа поставени и штафелаи на кои децата сликаа на слободна тема.Гостин на настанот беше Весна Константинова, авторка на книгата „Рисот Ристе“, а најмладите преку боенки имаат можност да се запознаат со ликовите од истоимената едиција. Во рамки на Детскиот хепенинг се одржа и четвртото издание на музичко-сценската манифестација „Малите К-2 ѕвездички“. Беа изведени 20-на музички композиции напишани и создадени во музичката работилница на познатиот охридски композитор и продуцент Јовица Караилиески. Забавната програма финишираше со музичкиот проект на познатиот охридски тапанар Никола Ристовски Тони.