172 мрежи или 11 км во вкупна должина извадија нуркачите годинава од Охридското езеро, само на македонска страна во активностите за отстранување на напуштени мрежи духови. И понатаму доминираат мрежите со димензии на окца за лов на пастрмка и белвица. Но овие напуштени мрежи духови не ловат само риби, туку ловат и птици, ракови и воедно уништуваат живеалишта на многу ендемски видови.
-„ Мрежите ги отстрануваме на територии каде се наоѓаат природните плодишта на пастрмката , но не живее само пастрмката таму , живеат и многу видови. Ова е целно чистење за да овозможиме успешен вештачки мрест за неколку месеци, следната година за да ја одржиме популацијата на пастрмката на биолошки оптимум.“ -вели Душица Илиќ-Боева од ЈНУ „Хидробиолошки завод“ од Охрид.

Активностите се финансирани од Програмата за поддршка на рибарството и аквакултурата во делот за рехабилитација на природните води, преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Ги спроведува Хидробиолошкиот завод во соработка со Државен инспекторат за земјоделство, Регионален центар за граничен надзор Запад, Капетанија на пристаништа, Камп за обука на вода на АРМ, ЈП Билјанини извори.
