Едукативно предавање за подводниот свет на Охридското Езеро и заштитата на животната средина денес се одржа во подрачното училиште во Рача, во организација на ООУ „Григор Прличев“ – Охрид.
Предавањето беше организирано од Советот на родители, а го реализираше нуркачот Никола Паскали од нуркачкото друштво „Акватек“.
Преку изложба на подводни фотографии и презентација на нуркачка опрема, учениците имаа можност одблиску да го запознаат богатството и уникатниот подводен свет на Охридското Езеро.
Дополнително, со помош на видео материјали, квиз и презентација на предмети пронајдени на дното на езерото, учениците учеа за загадувањето и значењето на заштитата на природата.
Во рамки на активностите, тие изработија и еко-постер со пораката: „Ние сме чувари на Охридското Езеро“.
Оваа активност има за цел да ја подигне свеста кај најмладите за важноста од зачувување на природните богатства и одговорниот однос кон животната средина.






