Керамика, камени орудија, кремени сечила, коскени алатки, семиња, фигурини, остатоци од дрво и животински коски – новите археолошки наоди од локалитетот „Пенелопа“ во Охрид отвораат нов прозорец кон животот на заедницата која на овој простор живеела во доцниот неолит.
За првпат на локалитетот се вршат систематски сондажни истражувања на наколната праисториска населба. Целта е да се откријат и проучат археолошките слоеви и да се добијат попрецизни сознанија за времето во кое населбата била активна, како и за начинот на живот на нејзините жители.
Според прелиминарните сознанија, слоевите до кои досега е стигнато се определуваат како доцен неолит, околу 5.000 година пред нашата ера. Сепак, археолозите нагласуваат дека ова е прелиминарна проценка и дека допрва следуваат дополнителни анализи.
Неолитот претставува голема пресвртница во развојот на човечките заедници. Луѓето започнуваат да живеат во организирани населби, да се занимаваат со земјоделие и да одгледуваат животни. Начинот на живот прво се јавува во Анатолија и постепено се шири кон запад, а најраните неолитски локалитети во Европа се на Балканот.
„Неолитот, или младо камено време, е период кога луѓето за прв пат почнуваат да живеат во организирани населби и да се занимаваат со земјоделие и одгледување на животни. Тој начин на живот прво се јавува во Анатолија, денешна, околу 9-10.000 години пред нашата ера и постепено се шири на запад, а најраните неолитски локалитети во Европа се на Балканот. Ова не е најрано, ова е веќе доцен неолит, но имаме порани локалитети низ државата и во државите во регионот“, вели Андреј Мачковски, археолог и дендрохронолог.
Локалитетот „Пенелопа“ е познат од раните 2000-ти. Првите остатоци од наколната населба биле регистрирани при изградба на станбени и други објекти во модерниот дел на Охрид. Досега, меѓутоа, откривањето на остатоците најчесто било поврзано со градежни активности и механичко копање.
Сега, за првпат, истражувањето се спроведува систематски, со отворање сонда и следење на стратиграфијата, односно на сите слоеви на населбата.
„За овој локалитет знаеме од раните 2000-ти. При изградбата во модерниот дел на градот, на станбени згради и на други објекти, се откриени првите остатоци на наколната населба од неолитско време. Нашиот колега Паско Кузман е првиот кој ги регистрира тие остатоци и подоцна, со изградбата на нови објекти, секогаш на просторот покрај езерото, се доаѓа до остатоци од таа населба“, вели Пере Арџанлиев, археолог.
Според археолозите, особено значајно е што на локалитетот се зачувани органски материјали. Влажната средина покрај езерото овозможила зачувување на дрво, коски и семиња – материјали кои на други археолошки локалитети многу потешко се зачувуваат.
Токму дрвените остатоци се важни за натамошното датирање.
„Локалитетите во наколни, поготово во близина на езерото, се многу значајни во праисторијата, бидејќи во тие влажни седименти имаме одлична конзервација на органски материјал. Прецизно имаме дрво, коски и семиња, нормално керамика и други тврди материјали што ги наоѓаме на локалитетот“, објаснува Мачковски.
Дендрохронологијата, односно датирањето преку годишните прстени на дрвото, може да се комбинира со радиокарбонското датирање и да даде многу попрецизни податоци за староста на материјалот.
„Сега дрвото, дендрохронологија се вика дисциплината која се занимава со датирање преку годови на дрвото, што може да се комбинира исто со радиокарбон и дава најпрецизни податоци во датирање. Значи може и да се определи, во добар случај, со прецизност од година“, вели Мачковски.
Наодите, пак, ја дополнуваат сликата за секојдневието на неолитскиот човек. Пронајдени се керамички предмети со врежана декорација, камени орудија, кремени сечила, мала камена секирка, коскена игла и други коскени алатки. Меѓу наодите има и фигурини, кои се сметаат за репрезентативни наоди за неолитот и сведочат за духовниот и уметничкиот живот на тогашните заедници.
Пронајдените животински коски, пак, овозможуваат да се дознае повеќе за одгледувањето животни. Според досегашните сознанија, во раниот неолит доминирале овците и козите, додека во подоцнежните фази се ширело и одгледувањето говеда.
Жителите користеле и земјоделски орудија. За жнеење, според наодите, биле употребувани српови со дрвена рачка во кои биле вградени кремени сечила, во време кога металот сè уште не бил дел од нивното секојдневие.
Но, значењето на „Пенелопа“ не е само во бројот и видот на пронајдените предмети. Важно е тие да бидат поврзани со конкретни археолошки слоеви и да помогнат во реконструкцијата на развојот на населбата.
„Најзначајните информации ги добиваме дека имаме населба, наколнo живеалиште од неолитско време и, со сите тие пунктови кои ги кажав, имаме претстава дека била огромна за тој период. Секогаш имавме релативна хронологија, меѓутоа токму за тоа го направивме проектот – да се фати стратиграфски точно секој слој од кој период“, вели Арџанлиев.
Тој додава дека со современите методи на истражување треба да се добијат попрецизни сознанија за континуитетот на живеењето на просторот на Охрид.
„Со напредни технологии, со дендрохронологија и со радиокарбонско датирање, да одредиме точно кој слој од кој период е и да докажеме дека градот Охрид има континуитет од многу поодамна, не како досега што мислевме дека е од бронзено време или не знам од кога. На исто место се живеело уште од почетоците на организираното живеење на човекот“, вели Арџанлиев.
По завршувањето на истражувањата, сондата ќе биде затрупана и вратена во првобитната состојба, како дел од заштитата на локалитетот.
„По истражувањето, сондата ќе се врати во првобитната состојба, значи ќе ја затрупаме и тоа е заштитата на локалитетот, бидејќи се работи за органски материјал, колци. Движниот археолошки материјал го дислоцираме во музеј, се конзервира, се истражува, примероци се земаат за лабораториски истражувања“, вели Арџанлиев.
Вредните археолошки наоди ќе бидат пренесени во музејот, каде што ќе бидат конзервирани и дополнително истражувани. Таму ќе продолжи приказната за „Пенелопа“ – преку секој предмет и секој зачуван материјал да се открива уште еден дел од животот покрај Охридското Езеро пред илјадници години.
Новинар: Соња Рилковска









