Од утре Саем на книгата во „Охрид мол“

Од 12 до 15 март во просториите на Охрид Мол ќе се одржи Саем на книгата, на кој ќе учествуваат повеќе издавачки куќи и институции од областа на книжевноста. Организатор на настанот е Охрид Мол, а меѓу учесниците ќе биде и НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид со сопствен штанд.

Посетителите ќе имаат можност да изберат книги од богатата понуда на издавачите ТРИ, Божилак, Мартина Комерц, Полица, Бата Прес, Матица, како и од изданијата на охридската библиотека. Книгите ќе се продаваат по саемски намалени цени, а програмата ќе биде збогатена и со средби и промоции со локални автори. Саемот ќе биде отворен секој ден од 10 до 21 часот.

Директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“, Христина Трпеска, на денешната прес-конференција изрази благодарност за соработката со организаторите и истакна дека ваквите настани се значајни за популаризација на книгата.

На почетокот да ја изразам благодарноста до менаџерскиот тим на Охрид Мол и посебно до Маријана Булеска – Љаткоски, кои ја препознаа нашата агилност и посветеност за популаризација на книгата и што заеднички го организираме Саемот на книгата во новиот Охрид Мол. Веруваме дека ваквиот настан ќе се случува почесто и ќе стане традиционален“, рече Трпеска.

Таа најави дека библиотеката на својот штанд ќе понуди книги од сопствената издавачка продукција, но и наслови добиени од Министерството за култура, меѓу кои се капиталните едиции „130 тома македонска книжевност“ (на македонски и англиски јазик), „Ѕвездите на светската книжевност“, „Врвови на светската филозофија“, како и изданија од областа на историјата, психологијата и психоанализата.

Од четврток до сабота во Охрид Мол ќе организираме и три промоции на најновите дела од нашите роднокрајни автори – Мирко Томовски, Емилија Карафилоска и Марина Шикова-Димовска. Авторите ќе се дружат со читателите и ќе ги потпишуваат купените книги, а промотор ќе биде Милчо Јованоски“, додаде директорката Трпеска.

Во рамки на соработката со Охрид Мол, на 19 март, во пресрет на Светскиот ден на поезијата, ќе се одржи и традиционалната манифестација „Напиши стих – купи кафе“, при што библиотеката ќе ги награди авторите на трите најдобри стихови со книги.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани