Основната организација на борците од Струга, по повод 81 година од трагичната смрт на младиот струшки студент и секретар на МК на КПЈ – Струга – првоборецот Нико Нестор и 106 години од неговото раѓање на 25 септември 2024 година, делегација предводена од потпретседателот Ванѓел Наумоски, положи свежо цвеќе на споменикот во паркот пред зградата на ОО на СЗБ – Струга, потоа делегацијата исто така положи цвеќе и на бистата на Нико Нестор, во дворот на средношколскиот центар што го носи неговото име на овој револуционер.
Меѓу плејадата млади македонски интелектуалци што во текот на Народноослободителната борба ги положија своите животи за слободата на својот народ., Нико Нестор зазема едно од најистакнатите места.
Останувајќи сираче, без мајка и татко, Нико уште во најмладите години ќе го понесе товарот на макотрпниот живот и под ретко тешки услови ќе успее да го заврши своето средно образование, за во 1939 година да стане студент на правниот факултет на Белградскиот универзитет. Непомирливиот противник против владечката класа, Нико во Белград категорички ќе одбие да прима било каква стипендија, иако таква можност имал, бидејќи стипендиите така се давале.
По капитулацијата на Југославија, Нико брзо ќе се најде во своето родно место – Струга, каде како доследен револуционер меѓу првите ќе се вклучи и ќе ја поведе илегалната борба на Партијата за организиран отпор со решителна борба против окупаторот. Нико Нестор со посебен револуционерен жар ќе продолжи со својата револуционерна активност, така што ќе успее за кусо време во најконспиративни услови на револуционерен план да ја мобилизира целокупната младина во Струга, истакна потпретседателот Ванѓел Наумоски.
Текст и Фото: СТОЈАН КУКУНЕШОСКИ