Во Општина Охрид беше остварена официјална посета од делегација на Општина Грачаница, предводена од директорот на администрацијата Владица Трајковиќ и неговиот тим.
Свечен прием за делегацијата под водство на Почесниот конзул на Р Србија со седиште во Охрид, Михајло Филев, приреди заменик-градоначалникот на Охрид, Ана Крстеска, при што во пријателска атмосфера беа разгледани можностите за продлабочување на соработката меѓу двете општини.
На средбата беше истакната заедничката подготвеност за реализација на повеќе проекти, со посебен акцент на туризмот и едукативната размена на ученици. Предвидено е најмладите од двете општини да имаат можност да ги посетуваат значајните природни, културни и верски локалитети во Охрид и Грачаница.
Како прва активност од оваа соработка, веќе овој месец се најавува посета на ученици од Грачаница во Охридскиот регион.

