Охрид повторно во знакот на водените спортови – започнува четвртото издание на Ohrid Water Festival

Охрид и годинава ќе биде центар на водените спортови, со почеток на четвртото издание на Ohrid Water Festival, кое ќе се одржува од 12 до 30 август и ќе понуди богата спортско-рекреативна, едукативна и културно-забавна програма.

Во текот на 19 фестивалски денови, Охридското Езеро ќе биде сцена за бројни спортски активности, во кои ќе учествуваат спортски клубови, организации, рекреативци и љубители на водените спортови.

Годинава се најавени 21 спортско-рекреативен настан, меѓу кои едриличарска, кајак и веслачка регата, пливачки натпревари, СУП трки, ватерполо и други активности на вода. Фестивалот започнува со Меѓународен тренинг камп во едрење, во организација на „Акватика Јахтинг“, а завршува со Меѓународната веслачка регата „Охрид 2026“, во организација на Веслачкиот клуб „Горица Ремо“.

„Ohrid Water Festival со своите две претходни изданија ги оправда очекувањата во однос на промоција на потенцијалите на Охридското Езеро и водените спортови во комбинација со културна програма“, истакна градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Посебно место во програмата имаат активностите насочени кон најмладите, со кои организаторите сакаат да ја приближат водата и водените спортови до децата и младите, но и да ја подигнат свеста за значењето и заштитата на Охридското Езеро.

Ohrid Water Festival има за цел да придонесе кон популаризација и развој на водените спортови, промоција и заштита на Охридското Езеро, но и кон збогатување на туристичката понуда на градот.

-„​Спортскиот дел од фестивалот започнува на 12-ти август и трае до 30-ти август. Во овие 19 дена спортска програма, 15 спортски клубови и здруженија организираат спортски манифестации во едрење, кајак, ватерполо, нуркање, Охридскиот пливачки маратон и Балканско првенство во пливање, СУП и акватлон, трка со традиционални кајчиња, спортски риболов, како и настани како Ред Бул педалинка и СУП јога. Спортските манифестации, кои од година во година стануваат помасовни, привлекуваат учесници не само од Македонија, туку и од голем број европски држави“, посочи Вретоски.

Фестивалот, кој во изминатите години прерасна во препознатлив спортски настан, повторно ќе го стави Охрид во фокусот на љубителите на спортот, рекреацијата и активниот туризам.

Деталната програма и информациите за фестивалските активности се достапни на официјалната страница на Ohrid Water Festival. Ohrid Water Festival

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани