Охридскиот аеродром со нов изглед и повисоки стандарди

Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ доби нов, современ изглед. Со инвестиција од 2,7 милиони евра реконструиран е дел од терминалната зграда, со цел да се подобрат условите за патниците и да се овозможи современо аеродромско искуство.

Реконструиран е патничкиот терминал, проширен е чек-ин просторот, а зголемени се и зоните за безбедносна и пасошка контрола. Изградени се нови простории за Граничната полиција и Царината, а инвестицијата опфати и нова опрема и технологија, како и проширени простори кај гејтовите и делот за подигање на багажот.

„Со оваа инвестиција од 2,7 милиони евра направивме значаен чекор кон подобрување на условите за патниците, партнерите и вработените. Реконструкцијата е реализирана без прекин на редовното работење на аеродромот. Во изминатите години ТАВ инвестираше речиси 300 милиони евра во македонските аеродроми. Истовремено, поврзаноста и бројот на патници значително се зголемија“, вели Серкан Каптан, генерален директор на ТАВ Аеродроми.

Охридскиот аеродром годинава го имаше најуспешниот јули во својата историја. Владата очекува растот на авиосообраќајот да продолжи, а според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, бројките веќе ги надминуваат очекувањата поставени пред повеќе години.

„Знаеме дека оваа година Македонија минува низ значајни инфраструктурни инвестиции, а поврзувањето со аеродромите значи многу за Македонија. Бројките се тука и тие се повеќе од јасни. Охридскиот аеродром само од јануари до јуни оваа година има над 240.000 патници. А двата аеродроми заедно оваа година ќе се приближат до 4 милиони патници – нешто што беше незамисливо за нашите аеродроми и дозволува да растеме“, вели Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт.

За премиерот Христијан Мицкоски, воздушната поврзаност е директно поврзана со развојот на туризмот и економијата. Повеќе линии и повеќе патници, според него, значат и поголем туристички потенцијал.

„Оваа година се бележат рекорди на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“. Имаме ден со најголем број патници досега во историјата – повеќе од 3.000. А исто така има и денови кога имаме повеќе од 20 полетувања, што исто така претставува само по себе еден значаен податок којшто е за почит. Убеден сум дека во периодот којшто претстои, со сите градежни активности и поддршката којашто ја даваме како Влада, овие бројки ќе се дуплираат, ќе се триплираат и ќе дојдеме до бројки коишто претставуваат наш нов таргет“, вели Христијан Мицкоски, премиер.

Со реконструкцијата, охридскиот аеродром добива и дополнителна содржина со која се претставува културното наследство на Охрид и Македонија. Во терминалот се поставени мозаици со детали и реплики инспирирани од културното наследство, со што аеродромот треба да биде и своевидна прва слика за земјата за странските гости.

Последната поголема реконструкција на охридскиот аеродром беше реализирана во 1970 година.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани