Аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид ова лето добива нови авиолинии и бележи зголемен интерес кај патниците, како дел од рекордниот раст на воздушниот сообраќај што го оствари ТАВ Македонија во првите четири месеци од 2026 година.
Од охридскиот аеродром, според летниот распоред на летање, осум авиокомпании сообраќаат до 17 дестинации, од кои 14 се редовни и сезонски линии, а три се чартер-летови.
По воведувањето на новите летови од Охрид до Братислава, Милано и Штутгарт, во јуни ќе бидат отворени и новите линии до Вроцлав и Катовице, додека од 21 јуни „Аустриан ерлајнс“ ќе започне со летови на релација Охрид – Виена.
Инаку, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид, управувани од ТАВ Македонија, во периодот јануари – април 2026 година опслужиле вкупно 1.202.828 патници, што претставува рекорден раст од 32,4 проценти во однос на истиот период лани.
Во истиот период, на двата македонски аеродрома биле реализирани 8.123 летови, што е зголемување од 10,7 проценти.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека компанијата продолжува со рекордно двоцифрено зголемување на патничкиот сообраќај и дека Македонија веќе е рангирана меѓу најбрзо растечките пазари во Европа според Меѓународниот совет на аеродроми – Европа.
Според него, годинава веќе се отворени пет нови дестинации, а во наредниот период ќе бидат воведени уште седум нови линии од двата аеродрома.
