Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ продолжува да бележи значителен раст на патничкиот сообраќај. Во првите шест месеци од годинава преку аеродромот патувале 122.638 патници, што претставува зголемување од 18,2 проценти во споредба со истиот период минатата година.
Според податоците на ТАВ Македонија, од јануари до јуни на охридскиот аеродром биле реализирани 907 летови, што е раст од 26 проценти во однос на лани.
Позитивните резултати се дел од вкупниот раст на двата македонски аеродроми. Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид во првата половина од 2026 година заедно опслужиле 1.955.648 патници, што е за 28 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година. Во истиот период биле реализирани 13.167 летови, односно 7,6 проценти повеќе.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, оцени дека двоцифрениот раст на патничкиот сообраќај е потврда за успешниот развој на македонските аеродроми и најави дека компанијата ќе продолжи со активности за проширување на мрежата на дестинации и унапредување на воздушната поврзаност.
