Охридскиот Регион останува на Листата на светско наследство на УНЕСКО – доби нов рок за спроведување на препораките

Охридскиот Регион засега го задржа статусот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО и нема да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. На 48. сесија на Комитетот за светско наследство во Бусан беше усвоен амандман со кој се менува првичниот предлог на Центарот за светско наследство и советодавните тела ИКОМОС и ИУЦН, кои препорачуваа регионот веднаш да биде ставен на Листата во опасност. Наместо тоа, Северна Македонија и Албанија добија дополнителен рок за спроведување на корективните мерки и исполнување на препораките за заштита на Охридскиот Регион.

Оценката е дека исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион и понатаму е изложена на ризик, но државите добиваат уште една можност да покажат конкретни резултати.

Со изменетата одлука, Северна Македонија и Албанија се задолжуваат да продолжат со целосна реализација на Стратешкиот план за обнова на Охридскиот Регион, да ги спроведат препораките од реактивните мониторинг мисии од 2020 и 2024 година, да го запрат понатамошното деградирање на крајбрежјето, да го отстранат или решат статусот на бесправните градби, да воспостават поефикасно управување со заштитеното подрачје и редовно да го информираат Центарот за светско наследство за напредокот.

Во одлуката е утврден и нов рок. Двете држави треба до 1 февруари 2027 година да достават детален извештај за спроведените активности и постигнатиот напредок. Врз основа на тој извештај, Комитетот на својата 49. сесија во 2027 година повторно ќе ја разгледува состојбата во Охридскиот Регион и ќе одлучува дали преземените мерки се доволни или ќе биде активирана постапката за впишување на Листата на светско наследство во опасност.

Владата ја оцени одлуката како дипломатски успех, истакнувајќи дека со усвојувањето на амандманот е избегнато впишувањето на Охридскиот Регион на Листата во опасност.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани