Пецаков за УНЕСКО: Заложбите вродија со плод

По одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, со која Охридскиот Регион не беше впишан на Листата на светско наследство во опасност, а државата доби рок до 1 февруари 2031 година за спроведување на препораките, следуваа реакции од локалната и централната власт.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, оцени дека одлуката е резултат на заедничката работа на сите институции и порача дека активностите за заштита на регионот ќе продолжат со засилено темпо.

„Заложбите, посветеноста и заедничката работа на локалната и централната власт, институциите и сите чинители вродија со плод. Искрено се радувам на одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, со која Охридскиот Регион не е впишан на Листата на светско наследство во опасност и е даден дополнителен рок до 1 февруари 2031 година за реализација на препораките. Тоа значи дека во наредниот период ќе продолжиме уште поинтензивно со спроведувањето на мерките за заштита на природното и културното наследство. Како локална самоуправа остануваме целосно посветени на реализација на капиталните еколошки проекти, одговорното урбанистичко планирање, зајакнувањето на системите за заштита на животната средина и доследната имплементација на препораките на УНЕСКО. Заштитата на Охридскиот Регион не е обврска само на една институција, туку заедничка обврска на локалната и централната власт, институциите и сите граѓани. Убеден сум дека со добра координација, континуирана посветеност и меѓународна соработка со Република Албанија ќе ги реализираме сите неопходни активности и ќе го зачуваме Охридскиот Регион како светско природно и културно наследство за сегашните и идните генерации“, изјави Пецаков.

Одлуката како значаен дипломатски успех ја оцени и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Тој истакна дека Владата, во координација со локалната самоуправа и останатите институции, ќе работи на исполнување на сите препораки на УНЕСКО.

„Воспоставивме јасен план, имаме јасна меѓусебна координација и јасни насоки за тоа што треба да се направи и, за разлика од минатото, земјава сега добива подолг период за спроведување на препораките. Ние како Влада, сите институции кои се вклучени и локалната самоуправа ќе работиме ангажирано на сите забелешки. Но ќе напоменам дека статусот на УНЕСКО треба да оди паралелно со туристичкиот, економскиот и социјалниот развој на целиот регион и за тоа УНЕСКО има кредибилно разбирање. Во таа насока ќе продолжи работата и на институциите и на локалната самоуправа“, изјави Муцунски.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани