Во соработка со колективниот постапувач за текстилен отпад Тексомак, граѓаните на Охрид добиваат можност старата облека да ја одлагаат на соодветен и еколошки начин, во согласност со современите практики за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.
Контејнер за текстилен отпад е поставен во кругот на Ohrid Mall, од каде апелираат до граѓаните за негова правилна и одговорна употреба.
Во контејнерите може да се одлагаат само стари алишта спакувани во ќеси, додека обувки, чанти и други предмети не се прифаќаат. Доколку граѓаните имаат проблем со одлагањето на текстилниот отпад, можат да се обратат на зелениот телефон на компанијата.
Од надлежните потсетуваат дека ваквите акции имаат за цел да ја подигнат свеста за правилно управување со отпадот и најавуваат дека наскоро ќе следува и нова месечна акција за собирање на текстилен отпад.
Пораката до граѓаните е јасна – селектирај правилно, затоа што отпадот нè засега сите.
