Општина Охрид објави јавен оглас за доделување дозволи за вршење општински линиски превоз на патници на 11 линии, кои ќе седоделуваат за период од пет години.
Предмет на огласот се градските линии 1 и 2, како и линиите Охрид–Пештани, Охрид–Горен Лакочереј, Охрид–Вапила–Ливоишта, Охрид–Косел, Охрид–Велгошти, Охрид–Елшани и Охрид–Свиништа–Куратица, со повеќе линии на дел од релациите.
Заинтересираните превозници треба да исполнуваат низа услови, меѓу кои да имаат најмалку две регистрирани возила, со минимум 16+1 седишта, најмалку ЕУРО 4 стандард, важечки лиценци и најмалку двајца вработени возачи по возило. Предвидено е едното возило да биде резервно во случај на дефект на возилото со кое се врши превозот.
Превозниците ќе треба да понудат цена еднаква или пониска од максималната утврдена од Општина Охрид, а како најповолен ќе биде избран операторот кој ќе понуди најнизок месечен билет по линија.
Со огласот е предвидено и бесплатно превезување на лицата со инвалидитет кои поседуваат соодветна легитимација. Превозниците ќе имаат и обврска, согласно законските измени, во рамки на општинскиот линиски превоз да обезбедуваат превоз на ученици од најблиската автобуска постојка во местото на живеење до најблиската постојка кај училиштето.
Општината предвидува и делумно субвенционирање на три линии – Охрид–Ливоишта–Охрид, Охрид–Св. Наум–Охрид и Охрид–Свиништа–Куратица–Охрид. Линијата Охрид–Св. Наум во месеците јуни, јули и август нема да биде субвенционирана.
Понудите треба да се достават најдоцна до 24 август 2026 година до 10 часот, а јавното отворање на понудите ќе се одржи истиот ден во 10:15 часот во Малата сала на Општина Охрид.
