Градоначалникот на Охрид беше дел од државната делегација која деновиве оствари клучни средби во седиштето на УНЕСКО во Париз.
Посетата се оценува како исклучително значајна, особено ако се има предвид дека, како што информира градоначалникот, за првпат градоначалник на Охрид остварува директна средба со Генералниот директор на УНЕСКО, Калед Ел-Енани.
Во рамки на посетата, биле реализирани и средби со претседателот на 43-тата Генерална конференција на УНЕСКО, Конгкер Мохамад Талха, како и со претседателот на Извршниот одбор на УНЕСКО, Насер бин Хамад Ал Хинзаб.

Градоначалникот истакна дека гласот на Охрид мора да се слушне таму каде што се носат одлуките за светското наследство.
„Како татко на градот, моја должност е гласот на Охрид да се слушне директно таму каде што се носат одлуките за светското наследство. Охрид е наш врвен приоритет и заедно во тесна соработка со Владата остануваме целосно посветени на спроведување на препораките за заштита“, нагласи тој.
На средбите било потенцирано дека се работи на долгорочна и одржлива заштита со цел зачувување на статусот на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство, како и дека постои подготвеност за продолжување на соработката со Република Албанија, со оглед на тоа што езерото бара заеднички пристап.
„Охрид бара лидерство и конкретни дела. Оваа посета е само почеток на една нова ера на транспарентна и засилена грижа за нашето наследство. Охрид бил и ќе остане светски“, порача градоначалникот.
