По повод 17 Март – Денот на крводарителството и Денот на формирањето на Црвен крст на Република Северна Македонија, во просториите на Црвен крст Охрид денеска се одржа свеченост на која беа доделени јубилејни признанија за најзаслужните крводарители од Охрид и Дебрца.
Признанија беа врачени за 5, 10, 25 и 50 дарувања на крв, а плакети за 50 крводарувања добија Ацо Карајованоски, Бобан Гаврилоски, Љупчо Крстаноски, Рубинчо Џавероски, Ѓоко Апостолов, Ѓорги Јаковлески и Дуко Карадакоски.
Плакети за развој, унапредување и омасовување на крводарителството беа доделени и на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ Охрид, ЈЗУ Здравствен дом Охрид – Служба за итна медицинска помош, Макпетрол и Силвана Ванкоска.
Претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков, истакна дека крводарителството во државата бележи позитивен раст и дека 2025 година била успешна за крводарителството во Охрид. Според него, особено охрабрува фактот што бројот на првократни дарители е зголемен за околу 30 проценти.
Во текот на 2025 година биле реализирани 19 крводарителски акции, на кои биле собрани 1.626 единици крв, со што биле задоволени потребите за крв и крвни продукти на пациентите во здравствените установи во градот.
Од Црвен крст Охрид упатија благодарност до сите крводарители, институции, компании и поединци кои придонесуваат за развојот на крводарителството во Охрид и Дебрца.





