По десет месеци изготвено супервештачењето од Судско медицинскиот совет, за случајот со родилката од Дебар која при породување остана без три органи. Одбраната на прво и второобвинетиот поднесе приговор на тимот кој го направи супервештачењето оти според нив имало надворешни членови кои не биле дел од Медицинскиот факултет, што се коси со законот. Судот бара објаснување, а потоа ќе одлучи дали супервештачењето ќе биде прифатено или одбиено.

„Приговорот се однесува дека се повикувани надворешни членови меѓутоа истакнато е дека тој што е носител на тимот е дел од судско-медицинскиот одбор на кого што е фактички доверено вештачењето“, изјави судијата Јордан Јованов.
Супервештачењето покажа пропусти во оперативниот зафат, обвинетите купуваат време, делото застарува во 2026 година, велат оштетените, кои очекуваат осудителна пресуда.
-„Одбраната кога е во очај презема очајнички чекори, тоа се случи денес. Обвинетите во оваа постапка нема да избегнат одговорност. Не верувам дека Медицински факултет ќе направи таков аматерски почетнички чекор што ќе се рефлектира како штетен настан по однос на супервештачењето“, вели адвокатот Сашо Јанев.
„ Барам од Судот, судијата и обвинителката да има пресуда и да има затвор. Еднаш засекогаш да знаат лекарите ако има лекарска грешка треба да има одговорност“, кажа Јилдиз Веапоска.
Случајот со Веапоска, во кој тројца лекари се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето, веќе трета години е во судница. Судскиот процес тече со бројни одлагања, враќања на почеток, менување на судии и обвинители.
Новинар Соња Рилковска
