По еден месец без вода, се најавува санација на извориштето Шум

Извориштето Шум ќе биде прогласено за заштитено подрачје, а се очекува и одлука од Владата за легално користење на водата. Изработен е план, а наскоро треба да започне и санација на извориштето. Ова се мерките што ќе ги преземат надлежните откако речиси цел месец стружани немаат питка вода.

Иако матноста е подобрена, сè уште е на сила забраната за користење на водата од градскиот водовод.

„Имаме веќе чиста вода овие два-три дена, меѓутоа од Институтот за јавно здравје ни препорачуваат уште да се чека. Иако имаме добри резултати, сепак треба да се стабилизира целокупната ситуација за да може водата да се користи“, изјави градоначалникот Менди Ќура.

Загадувањето на водата во Струга се случи на 9 февруари, како последица на нелегални ископи на минерали , а во близина имало и депонија и угостителски објекти.„Сакам да ве известам дека инспекторите од Државниот инспекторат за животна средина биле на терен и е констатирано дека изворот, односно јавното претпријатие Водовод и канализација, нема соодветна дозвола за користење. Дадени се насоки и барањето од страна на општината е поднесено. Ќе се следат сите законски постапки за да се стигне до решение.“, рече министерот за животна средина, Мухамет Хоџа

Во меѓувреме, додека стружани немаат вода за пиење, во тек е реконструкција на водоводната мрежа во должина од 6 километри. Загадувањето на водата е под лупа и на Јавното обвинителство.

Новинар: Соња Рилковска

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани