Почетоците на туризмот во Македонија датираат од 20 век

Почетоците на туризмот во Македонија датираат во почетокот на 20 век.

Како што стои на страната на wikipedia.org, врз основа на документите во Историскиот архив во Битола, публицистот Александар Стерјовски открил документи и написи во стари весници кои потврдуваат дека на 21 мај 1914 година било организирано патување на 120 битолчани до Валево и до Белград. Патниците биле испратени на железничката станица од голем број граѓани на Битола. Притоа, дел од учесниците во патувањето отишле да ги посетат своите синови кои биле регрутирани од српската војска, додека за дел од учесниците, патувањето било од туристичка природа. Бидејќи во тоа време немало железничка врска од Битола до Скопје, патниците најпрвин заминале за Солун, а оттаму заминале во Белград, каде останале три дена, по што отпатувале за Валево. Таму ги пречекал градоначалникот, а адвокатот Цаса Јанко зборувал од името на битолчаните. Во Валево, патниците се сместиле во приватни куќи и во градот останале два дена. Патувањето го организирал првиот градоначалник на Битола со христијанска вероисповед, Петар Лешњаревиќ, кој потекнувал од Горица, Албанија. Тој по убедување бил србофил и целта му било, преку патувањето, на битолчани да им ја претстави Србија.

Инаку, во Битола имало туристичко здружение “Јужни езера” уште во 1927 година, чиј прв претседател бил познатиот рентгенолог Михајло Попов. Во 1936 година, со пуштањето на железничката линија Битола-Скопје, дошло до поинтензивен развој на туризмот во Битола, така што се организирале ученички екскурзии, а градот го посетувале и голем број Французи, кои учествувале во борбите на Кајмакчалан за време на Првата светска војна. Во 1939 година бил направен план за изградба на куќа на Големото Езеро на планината Баба. Развојот на планинскиот туризам на Пелистер го финансирал Василија Ставревиќ, кој бил планинарски водич и вљубеник во природата. Странските туристи се интересирале и за Хераклеја, каде што ископувањата започнале во 1934 година.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани