Од синоќа, Струга живее со поезијата.
57 Струшки вечери на поезијата, започнаа со традиционално читање на Константиновата Т`га за југ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата.Говорејќи за значењето на манифестацијата, нејзината големина и важност, Министерот за култура Асаф Адеми, рече дека поголемото достоинство на поетите и писателите значи подобар свет околу нас, ами и во нас. Затоа, подвлече министерот, Струшките вечери нека ја пуштат својата спокојна сила која само убавиот збор ја има меѓу нас, обичните луѓе, нека не натераат да го погледнеме светот како поетите.
Директорот на СВП Мите Стефоски потсети како настана фестивалот, напоменувајќи дека поезијата не познава и не признава никави граници. СВП настанаа среде најголемата поделеност на светот во 60-тите години, кога заради околностите и визијата на една група поети и критичари се востанови фестивал кој веднаш и во секој поглед играше и се уште игра улога, која останува да биде актуелна и сега, а тоа е да бидеме мост меѓу културите, народите, јазиците, цивилизациите, рече Стефоски.
Манифестацијата продолжи со поетските „Меридијани“ и читање поезија, најпрво од годинашниот лауреат Адам Загаевски, а потоа и од останатите поети-учесници.
На годинашните 57 Струшки вечери на поезијата ќе учествуваат 30 поети од 29 земји меѓу кои Полска, Финска, Франција, Германија, Израел, Грција, Албанија, Монголија, Шведска, Ерменија…, како и 50-тина поети од Македонија. Манифестацијата ќе заврши в недела со врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“.
