Денес се погребуваат жртвите од катастрофалниот пожар во Кочани. Според информациите од Центарот за управување со кризи, погребите ќе започнат во 11 часот во Штип, продолжуваат во 12 часот во Кочани, а во 13 часот во Облешево. Останатите жртви ќе бидат погребани во текот на утрешниот ден во различни временски периоди. Во Кочани денес е неработен ден, од градот загинаа 43 лица.
Посебен безбедносен протокол за известување
За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со беспилотни летала (дронови).
Овој медиумски протокол има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, додека истовремено овозможува новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца.
Имајќи ја предвид чувствителноста на оваа трагедија и универзалните етички стандарди за професионално известување, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги повикува сите новинари и медиуми да се придржуваат кон следниве етички принципи:
Почитување на личната болка и достоинството – Новинарите треба да известуваат со емпатија, без да навлегуваат во приватноста на семејствата на жртвите.
Избегнување на сензационализам – Известувањето за трагични настани мора да биде ослободено од сензации, шпекулации или емотивно набиени наративи, фотографии и видеа.
Владата донесе мерки за денот на жалост
Владата одржа вонредна седница на која беа усвоени четири заклучоци во врска со деновите на жалост и погребот на жртвите. Државните институции се задолжени да ги ослободат вработените од работните обврски, додека на приватниот сектор и локалната самоуправа им се препорачува да постапат соодветно на одлуката.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, истакна дека здравствените установи, училиштата и градинките треба да ја организираат својата работа според актуелните потреби, за да се одржи континуитетот во нивните услуги.
Министерството за здравство, во координација со Центарот за управување со кризи и Црвениот крст, ќе обезбеди амбулантни возила, а локалните противпожарни единици се задолжени да ги спроведат сите неопходни активности.
