Наместо масовен, потребен е одржлив туризам. Охрид треба да работи на привлекување на еколошки свесни и културни гости. Главните адути на градот под капа на Унеско треба да бидат уникатното културно историско богатсво и ретките природните убавини. Ова се препораките на експертската јавност. Од општина Охрид велат се иницира нова Стратегија за туризам.
-„Немам дилеми дека треба да се направи Стратегија за туризам, но тука општина Охрид не е стручна тука треба соработка не само со Факултетот за туризам туку и со многу луѓе кои се со години во туризмот. Во наредниот период ќе имаме една дебата каде што конкретно би презеле конкретни чекори, а ќе ја иницираме преку секторот за туризам и локален развој на која што ќе бидат поканети експерти од туризмот и се надевам дека ќе дојдеме до еден финален документ, вели Кирил Пецаков градоначалник на Охрид.
Главниот туристички центар мора да изнајде начини за разбивање на сезоналноста, во одреден период има огромен број на туристи, а во друг воопшто ги нема. Поради напливот на гости градот се соочува со низа комунални предизвици.
-„Предизвиците и би рекол проблемите со кои што токму во тој период се соочуваме без разлика дали е тоа менаџирањето со ѓубрето , дали е недостатокот на вода кога ќе кажам мислам на притисокот намален мислам во тие денови. Така да градот има сериозни проблемии“, вели Пецаков.
Според научната фела туристичката понуда на Охрид треба да се базира на рекреација и релаксација во природа , како и истражување и учење за културното наследство.
Искуствата во светски рамки покажуваат дека алтернативниот туризам обезбедува поголем економски бенефит во дестинацијата, во однос на масовниот. Поголемиот дел од парите остануваат во локалната економија, а од друга страна овозможува заштита на природата и културните вредности.
Новинар Соња Рилковска