Пратениците ќе одлучат-избори или промена на Уставот

Седницата е во 11 часот а во 10 закажани се протести пред Собранието.

Денеска во 11 часот ќе започне парламентарната седница за потребата од уставни измени, кои ги предложи владата согласно Договорот од Преспа. Во минатата недела во врска со ова Комисијата за уставни прашања се изјасни позитивно. Пред седницата СДСМ ги повика сите пратеници да ги поддржат уставните измени, со цел деблокирање на евроатланските интеграции. ДУИ пак, изрази оптимизам дека ќе се обезбедат потребните гласови за уставни измени и ќе се избегнат непотребни избори. Од ВМРО-ДПМНЕ, велат дека на денешната координација ќе решат како ќе настапат на парламентарната седница, меѓутоа јасно порачуваат дека пратениците нема да поддржат уставни измени за промена на уставното име на државата. Доколку се постигне двотретинско мнозинство за отворање на уставот, ќе започне постапката за уставни измени, при што на крајот на третата фаза потребна е уште една двотретинска поддршка за заокружување на процесот. Истовремено со седницата за уставни измени, пред парламентот е закажан протест. Здружението граѓани „Преродба“ најави протести и блокади со почеток од 10 часот. Протестите, велат, ќе бидат секој ден од 10 до 14 часот, со цел продолжување на македонскиот отпор и се додека не се исполни барањето за поднесување оставка на актуелната власт.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани