Утре се одбележува Светскиот ден на крводарителството – Црвен крст Охрид ќе додели признанија на хумани крводарители.
Промовирањето, развојот и унапредувањето на крводарителството на територијата на општините Охрид и Дебрца е заложба што Црвен крст Охрид континуирано, совесно и посветено ја спроведува во текот на целата година.
Како резултат на хуманоста на крводарителите, ангажманот на вработените и волонтерите на Црвен крст Охрид, како и на службите за трансфузиона медицина, преку организирање крводарителски акции во текот на годината се обезбедуваат потребните количини крв и крвни продукти за пациентите кои се лекуваат во здравствените установи во Охрид.
Хуманоста што ја покажуваат крводарителите преку доброволното дарување крв придонесува да бидат спасени многу човечки животи.
По повод 17 Март – Денот на крводарителството и Денот на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Црвен крст Охрид утре, со почеток во 13 часот, во своите простории ќе организира пригодна свеченост на која ќе бидат доделени признанија на заслужни крводарители, поединци и институции кои придонеле за развој и унапредување на крводарителството во Охрид и Дебрца во текот на 2025 година.
Од Црвен крст упатуваат искрени честитки, благодарност и почит до сите крводарители, поединци, фирми и институции кои со својата хуманост и општествена одговорност придонесуваат за развој на крводарителството и спасување човечки животи.
