Во Музејот на вода во Градиште се одбележа Светскиот ден за заштита на животната средина. Беше промовирана илустрираната книга за деца под наслов „Домот на пастрмката“, од Александра Велинова. Пораката на авторката е да го сочуваме домот на пастрмката кој за жал постојано се деградира со секаков вид на отпад.

-Охрид како книжевен, просветителски и духовен центар ја продолжува мисијата и организира низа културни настани за најмладите во време кога е најнеопходно, кога придобивките од современата технологија безмилосно и упорно се обидуваат да ја стават во сенка нејзиното височество книгата. Оваа книга за деца е препорачлива и за возрасни, бидејќи возрасните многу повеќе загадуваат од децата. Целта е од најрана возраст да се изградат позитивни навики кај најмладите и читачки и еколошки- вели Александра.

На промоцијата беа присирни учениците од ОУ „Св Наум Охридски“ во Пештани, а имаше и претставници од Хидробиолошкиот завод. Сите сметаат дека е повеќе од потребна да се работи на еколошка едукација.

Нуркачите симболично спроведоа подводна еколошка акција, но и одржаа предавање за предизвиците со кои се нарушува биодиверзитетот на Охридското Езеро.

Заштитата на Охридското Езеро – дом на голем број ендемични видови риби треба да биде приоритет на градот. Промоцијата на сликовница на Велимова е дел од проектот Културата расте со децата поддржана од општина Охрид.
