Во насока на унапредување на јавната хигиена и заедничко справување со проблемот со неправилното одлагање на отпадот, денеска во Охрид се одржа работен состанок меѓу претставници на ЈП „Охридски Комуналец“, комуналните инспектори и инспекторот за домување при Општина Охрид.
На состанокот присуствуваа и управителите на станбените згради од подрачјето на општината, при што беа разгледани актуелните предизвици поврзани со создавањето диви депонии, како и потребата од редовно и совесно депонирање на отпадот на соодветно определените места.

Учесниците разговараа за можностите за подобрување на координацијата меѓу институциите, управителите на зградите и граѓаните, со цел навремено спречување на појавата на диви депонии и одржување на чиста и здрава животна средина.
На средбата била потенцирана и важноста од подигнување на јавната свест за правилно управување со отпадот, како и потребата од заедничка одговорност и активно учество на сите чинители во зачувувањето на комуналниот ред и чистотата во градот.
Од ЈП „Охридски Комуналец“ информираат дека заедно со Општина Охрид ќе продолжат со интензивна соработка и преземање конкретни мерки за подобрување на состојбата со управувањето со отпадот и спречување на појавата на диви депонии.
