Со просечна нето-плата од 13.010 денари вработените во секторот рибарство се најниско платени работници во Македонија.
Додека рекордни примања имаат вработените во воздухопловниот транспорт кои во октомври земале просечна плата од 52.795 денари.
Просечната исплатена нето-плата во октомври изнесува 23.356 денари и е зголемена за четири отсто во споредба со октомври, минатата година, објави вчера Државниот завод за статистика.
Според објавените податоци, зголемување на нето-платата има во секторите уметност, забава и рекреација, рударство и вадење камен и преработувачка индустрија. Во однос на септември, зголемување на нето-платата е забележано во секторите рударство и вадење камен, транспорт и складирање и снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината. Просечната бруто-плата по вработен изнесува 34.266 денари и таа е зголемена за 3,8 отсто во однос на истиот месец лани. Во октомври 1,6 отсто од вработените не зеле плата.
