Полицијата и другите надлежни служби се подготвени за зимско одржување на патиштата и безбеден сообраќај на патиштата во зимски услови.
На иницијатива на СВР Охрид, на 26-ти минатиот месец, во хотелот „Амбасадор“ се одржа работен состанок на тема „Безбеден сообраќај во зимски услови во претстојната зимска сезона 2017/2018 година на подрачјето на Охрид“. На работната средба учествуваа претставници од институциите надлежни за одржување на безбедноста на патиштата како и претставници на фирмите кои изведуваат градежни работи на магистралниот пат Охрид-Кичево. Претставниците на јавните претпријатија, секторите за комунални дејности, сообраќај и улици, општинските инспекторати, центарот за управување со кризи како и претставници на други релевантни институции задолжени за одржување на патиштата, ги презентираа оперативните работни планови и мерките за работа во текот на претстојната зимска сезона.
-На средбата, беа изнесени предлог мерките за поголема ефикасност, навременост и координираност на субјектите во преземањата за зимското работење и одржување на патиштата. Договорено е, во работните планови, надлежните субјекти прецизно да ги определат клучните точки на терен и можните безбедносни проблеми, да се ефектуираат напорите за обезбедување на функционални и соодветни теренски возила, да се ажурира списокот на фирми кои на тендер добиле овластување за одржување на патиштата со оперативен план за дејствување, поседување на возила и материјално технички средства и лица кои ракуваат со истите и задолжени лица за конктакт, информира Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Според Димоски, еден од договорените заклучоци е ЦУК постојано да ја следи состојбата на патиштата на подрачјето и да ги координира мерките на сите субјекти, градежните фирми кои изведуваат градежни работи на магистралниот пат Охрид-Кичево да преземаат постојано чистење на снежните наноси од коловозот, посебно на местата каде што изведуваат градежни работи, да ја засилат светлосната сигнализација во зимските услови на отежнат сообраќај, активна координација на СВР-Охрид и Државен инспектрат за транспорт за вршење на увиди по случени сообраќајни незгоди поради оштетувања на патот и одрони. Покрај овие мерки, предвидена е нагласена соработка со агенцијата за патишта, навремено меѓусебно информирање за состојбите со снежни врнежи, наноси и за другите услови на регионалните и магистрални патишта на целото подрачје што го покрива СВР Охрид, целосно придржување до предвидените за набавка количини абразивни средства за зимско одржување на коловозите. На работниот состанок, целосно се дефинирани обврските на сите надлежни субјекти, приоритетните задачи по време, место и сообраќајници за нивно целосно и беспрекорно одржување и чистење во зимски услови.
-Целта на заедничките мерки е подигнување на безбедноста во сообраќајот во претстоната зимска сезона и преземање ефикасни и навремени интервенции при евентуални временски неприлики, елиминирање на застои и прекини во нормалното одвивање на сообраќајот. На средбата, СВР Охрид најави зајакнати контроли и преземање на превентивни и репресивни мерки за непостапување по законските прописи и непреземање на мерки од страна на сите субјекти, изјави портпаролот Димоски.
Тој потсети дека од 15-ти овој месец, до 15-ти март наредната година, согласно одредбите од законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возачите на сите моторни возила и работни машини кои учестуваат во сообраќајот на патиштата во и надвор од населени места, се должни покрај останатата опрема да ја поседуваат и пропишаната зимска опрема.