Активистите на граѓанската иницијатива „Збогум Буково“ вчера, на 8 март, реализираа еколошка акција за садење дрвја во Холандскиот парк во Охрид. Акцијата беше организирана со симболична порака „Цврсти сме како дрвото“, испраќајќи порака за грижа за природата и заедништво.
Во рамки на акцијата беа засадени вкупно 42 садници, односно нов дрворед и неколку украсни дрвца кои ќе придонесат за раззеленување и уредување на овој дел од градот.
Организаторите упатија благодарност до компанијата „Еко Флуид“, која ја поддржа овогодишната осмомартовска акција „За тебе засадив дрво“.
Во садењето се вклучија и тимот на Ј.П. „Охридски Комуналец“ – Охрид, како и волонтери од ЛМО при ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид и ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид, заедно со голем број дами кои со своето учество дадоа посебен белег на оваа осмомартовска иницијатива.
Од „Збогум Буково“ посочуваат дека ваквите акции се важни за подигнување на свеста за заштита на животната средина и за создавање поубав и позелен Охрид.






