Комисијата за деловнички и мандантно – имунитетни прашања одобри да им се одземе имунитетот на шестемина пратеници осомничени за учество во насилствата во Собранието на 27 април.
За пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Жаклина Пешевска и Јохан Тарчуловски од ВМРО-ДПМНЕ, како и за Љупчо Димовски од Социјалистичката партија, судија на претходна постапка побара симнување на нивниот пратенички имунитет заради одредување на мерка притвор. Тие заедно со уште 30 лица се осомничени за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
За секое од барањата за осомничените пратеници се гласаше поединечно. На седницата на комисијата не присуствуваа четворицата членови од ВМРО-ДПМНЕ. Епилогот за сите беше пет гласови „за“ и ниту еден против или воздржан.
Членот на комисијата од СДСМ, Александар Кирацовски кој единствено побара збор истакна дека она што се случило на 27 април било напад врз демократијата, уставниот поредок и обид да се загрози животот на пратениците од тогашната опозиција.
