Владата уверува дека охридскиот регион е надвор од опасност а македонската јавност сеуште нема увид во овој јавен документ велат од Охрид SOS.
Во писмениот допис на Граѓанската иницијатива Охрид SOS, се вели дека Владата со ентузијастичка најава дека опасноста за охридскиот регион е отстранета и со задоцнување од 15 дена го поднесе Извештајот до УНЕСКО. Македонската јавност сè уште нема увид во овој јавен документ, а не беше навремено информирана ни за основањето на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион. Активистите на Граѓанската иницијатива Охрид SOS сметаат дека јавноста сè уште не го видела овој јавен документ во кој треба да се образложи конкретно кои мерки кои го гарантираат статусот на УНЕСКО се преземени.
Второ, и покрај ваквата изјава, шестата препорака со рок до 1 февруари 2018 г. од Извештајот на Реактивната мисија во која се бара прогласување мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство, јасно е дека не е имплементирана иако се смета за критично важен чекор кој треба да се преземе. Според најновиот Извештај (World Heritage Outlook for Lake Ohrid) од ноември 2017 г. на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) – неконтролираната и нелегалната урбанизација на крајбрежјето е една од најсериозните закани за Охридското Езеро.
Трето, неколку од заканите кои во моментов сериозно го деградираат единственото македонско Светско културно и природно наследство, како што се: катастрофалната состојба на колекторскиот ситем, огромниот внес на фосфор од реката Сатеска во Езерото, прекумерниот риболов и загубата на блатните екосистеми, се резултат на долгогодишни пропусти на системот и негрижа за богатството на регионот. Тие едноставно не може да се решат преку ноќ.
И последно, Владата на Република Македонија нема ингеренции да одлучува за статусот на доброто, односно дали тоа ќе биде или нема да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО. Таа одлука треба да ја донесе Комитетот за светско наследство врз основа на активностите преземени на терен во текот на претстојните месеци и години, не само врз основа на еден извештај кој сè уште јавноста не може да го види.Трајното зачувување на Светското природно и културно наследство на охридскиот регион е сложен процес. Тој не се состои само од откажување од планирани патишта, ресорти и други мегапроекти. Тоа е долготраен процес кој ќе биде единствено возможен во средина на транспарентност, отвореност, искреност и отчетност кои мора да се изградат на сите нивоа на владеењето, во култура која препознава дека благосостојбата на луѓето е единствено возможна со третирање на луѓето и природата во симбиоза. Во спротивно, како воопшто би можеле да бидеме сигурни дека делувањето на носителите на одлуки, сега како и во иднина, е навистина за доброто и на луѓето и на природата истовремено? Како би можеле да бидеме сигурни дека зборовите соодветствуваат со делата и дека нема да биде предоцна нештата да се поправат?
Извештајот за постигнатиот напредок кој беше усвоен од Владата на 13 февруари 2018 г. е веќе објавен на страницата на УНЕСКО на англиски јазик. Македонската јавност, десет дена подоцна, сè уште нема увид во содржината на истиот на македонски јазик и се добива впечаток дека граѓаните се и понатаму оневозможени да бидат навремено информирани и да имаат непосреден увид во случувањата со единственото Светско наследство во Македонија. Апелираме Извештајот веднаш да биде јавно објавен на македонски јазик, а Владата во иднина да не си дозволува пропусти од овој тип, стои во писмената реакција на Граѓанската иницијатива Охрид SOS Охрид.
