Советот на Општина Охрид ја одржа деветтата седница: Усвоени бројни одлуки за јавните претпријатија и урбанизмот

Градските советници денеска ја одржаа деветтата седница на Советот на Општина Охрид, на која беа донесени повеќе значајни одлуки од областа на работењето на јавните претпријатија и урбанистичкото планирање.

Во првиот дел од седницата, советниците разгледаа и усвоија низа одлуки поврзани со ценовници на услуги, планови за вработување и работењето на јавните претпријатија, меѓу кои ЈП „Водовод“, ЈП „Охридски комуналец“, ЈП „Нискоградба“, ЈП „Градски гробишта“ и ЈП „Билјанини извори“. Донесени беа и одлуки за зонско паркирање, како и за користење на спортски објекти и паркинг простори.

Во вториот дел од седницата беа усвоени повеќе одлуки од урбанистичката сфера, кои се однесуваат на урбанистички проекти, измени на детални урбанистички планови и постапки за вклопување на бесправно изградени објекти во повеќе населени места во општината.

Дневниот ред беше дополнет со точка за формирање локален совет за превенција, како и изработка на студиски документ за модел за управување со адреналински парк.

Советниците донесоа и одлуки за исплата на субвенции за јавните претпријатија и за општинскиот линиски превоз, како и измени во програмите за образование, култура, спорт и јавно осветлување за 2026 година. Усвоени беа и одлуки за пренамена и проширување на средства во општинскиот буџет.

Меѓу поважните точки се и одлуката за започнување постапка за јавно-приватно партнерство за поставување фотоволтаични централи на општински објекти, како и одлуката за збратимување на Општина Охрид со градот Веспрем од Унгарија.

Со денешните одлуки, Советот опфати широк спектар на прашања од значење за функционирањето на општината и подобрување на услугите за граѓаните.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани