25-годишен стружанец-затвореник е дел од 6 члена група шверцери на марихуана.
Стружанецот кој издржувал затворска казна во полуотворениот затвор во Струга е осомничен за шверц на марихуана и веднаш префрлен во притвор во Шутка.Тој бил дел од 6-члената група која се обидела 91 килограм од Албанија да ја префрлат и продадат во Скопје. Марихуаната била сокриена во патна торба и во пластични вреќи а полицијата вчера во Кичево го прекинала транспортот, привела тројца од групата шверцери кои биле во двете возила, затвореникот исто така е осомничен, а двајца се во бегство.
-Кривично пријавените ја набавиле марихуаната од соседна Албанија и ја складирале во Струга, со цел да ја транспортираат во Скопје. Вчера, во утринските часови, марихуаната требало да биде пренесена во Скопје и била сместена во патничко моторно возило “Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, во кое биле двајца од приведените, а пред ова возило во улога на т.н. чистач се движело патничко моторно возило „БМВ“ со прилепски регистарски ознаки управувано од еден од сега приведените- соопшти МВР на денешната прес конференција.
Станува збор за група од иста генерација, 6-мината се на возраст од 22 до 25 години.Осомничени се за “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.

