Светски кулинарски имиња ќе одржат обука на ФТУ Охрид

Факултетот за туризам и угостителство – Охрид по втор пат ќе биде домаќин на великаните на светската и балканската гастрономија. На покана на доц. д-р Климент Наумов, а во соработка со македонската асоцијација на шефови на кујни Гастромак и со поддршка од општина Охрид, ќе гостуваат еминентни стручњаци од областа на кулинарството како Изток Легат (Словенија 🇸🇮), Уве Мишел (Германија ), Стево Карапанџа, Драгица Лукин (Хрватска), Дон Давид (Русија), Вуко Митровиќ (Црна Гора), Жељко Невен Бремец (Хрватска ), Хамид Хаџиќ (БиХ ) и Асан Даутовиќ (Македонија ).
Доајенот Стево Карапанџа заедно со негови колеги шефови Изток Легат и Уве Мишел, како врвни готвачи од светски ранг, на ден 9ти октомври ќе одржат теоретски и мотивациони предавања пред студентите по гастрономија на Факултетот за туризам и угостителство, како и поширокиот кулинарски аудиториум.

На 9ти октомври со почеток во 12:00 часот ќе се одржи пресконференција за медиумите во амфитеатарот на факултетот на која ќе говорат градоначалникот на општина Охрид др. Кирил Пецаков, Вања Тодоровска, гласноговорник на ГАСТРОМАК и секако, нашиот доц. д-р Климент Наумов, како раководител на катедрата по гастрономија при ФТУ-Охрид. На 10ти октомври шеф Драгица Лукин и шеф Жељко Невен Бремец ќе одржат целодневен мастер клас во кујната на факултетот од областа на слаткарството и подготовката на јагнешко месо на традиционален начин, информираат од ФТУ Охрид.

Целата програма можете да ја погледнете на следниот линк

Ова е прв од низата настани поврзани со гастрономијата на нашата институција за академската 2024/2025, а ќе следуваат уште гостувања на врвни експерти од областа на кулинарството во претстојниот период.

Social profiles