Поинаков училишен ден исполнет со љубопитност, нови откритија и традиционални вредности имаа учениците од „Наум Охридски“. Во соработка со НУ Завод и Музеј – Охрид, тие имаа можност непосредно да се запознаат со дел од традицијата.
Посетата на бачилото им овозможи да го следат патот на волната – од природата до човековите раце, а потоа учениците го откриваа светот на разбојот и ткаењето.
Преку прашања, истражување и непосредно запознавање со традиционалните техники, учениците учеа дека традицијата не живее само во музеите, туку и преку знаењата и вештините што се пренесуваат на најмладите.
„Од едно бачило, до еден разбој, од една нишка до една приказна – заедно ја ткаеме нишката со минатото“, се наведува во објавата.
Од „Наум Охридски“ упатија благодарност до НУ Завод и Музеј – Охрид за искуството и можноста учениците да истражуваат и да се запознаат со традиционалните вредности.


