Задолжителното носење на маска во затворен простор за заштита од ковид-19 е укинато.
Мерката што беше на сила во изминатите две години е повлечена на вчерашната владина седница по препорака на Главниот кризен штаб и Комисијата за заразни болести. Исклучок ќе биде јавниот превоз (автобус, воз, авион, такси), здравствените установи, аптеките, установите за згрижување на стари лица и лица со попреченост.
По предлог на Комисијата за заразни болести, вчера беше прифатена и одлуката за укинување на забраната за организирање на екскурзии и настава во природа за основните и за средните училишта и се дозволува работата со физичко присуство на лекарските комисии за утврдување на надоместоци за попреченост и комисиите за утврдување право на помош и нега од друго лице.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), минатата недела во период од 4 до 10 април е забележан пад на бројот на заразени, хоспитализирани и починати лица од ковид-19. Процентот на позитивност се движи од 2,4 до 10,6 проценти, просечно 7,3 отсто.
Заклучно со 6 април, во земјава се вакцинирани 873.332 лица со барем една доза вакцина против ковид-19. Целосно имунизирани (со две дози) се вкупно 853.786 лица, а трета доза примиле 155.817 лица.
Досега во земјата се направени вкупно 1.986.783 милиони тестирања за ковид-19. Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата достигна 307.967, бројот на оздравени пациенти е 297.600, на починати е 9.256, а активни се 1.111 случаи.