Утре свечено се пушта во употреба реконструираниот аеродром „Св. Апостол Павле“ во Охрид

На 8 Септември – Денот на независноста, охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ свечено ќе го означи пуштањето во употреба на реконструираниот дел од аеродромскиот комплекс, по завршувањето на проектот за реконструкција и модернизација.

Настанот ќе се одржи со почеток во 10 часот, а отворањето ќе го означат Серкан Каптан, извршен директор на ТАВ Аеродроми, заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

По свеченото отворање, во новиот гејт на аеродромската платформа ќе се одржи и заедничка прес-конференција.

Инвестицијата во реконструкцијата и модернизацијата изнесува 2,7 милиони евра. Со проектот терминалната зграда е проширена за дополнителни 4.500 квадратни метри, а обезбеден е и нов простор за администрацијата.

Реконструкцијата опфати и зголемување на бројот на шалтери за чекирање, како и оптимизација на зоните за пасошка и безбедносна контрола. Со тоа се очекува да се подобри протокот на патници, да се намалат метежите и да се зголеми ефикасноста на аеродромските услуги.

Модернизацијата на охридскиот аеродром е значајна и за туристичкиот развој на Охридско-Струшкиот регион, со оглед на тоа што создава подобри услови за зголемување на бројот на патници и воведување нови авиолинии.

Свеченото пуштање во употреба на реконструираниот аеродром е дел од одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Република Македонија.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани