Струга инвестира во енергетска ефикасност – од нови фасади и дограма до производство на сопствена струја

Енергетската ефикасност станува важен дел од модернизацијата на јавната инфраструктура во Струга, со инвестиции насочени кон подобрување на условите во училиштата, намалување на потрошувачката на енергија и создавање поодржливи јавни објекти.

Во изминатиот период реализирани се повеќе мерки за зголемување на енергетската ефикасност во јавниот сектор, со акцент на поставување фотоволтаични системи, подобрување на енергетските карактеристики на училишните објекти и модернизација на јавното осветлување.

Една од најзначајните инвестиции е поставувањето фотоволтаични системи на јавни објекти. Во рамки на регионалниот проект за поставување фотонапонски панели, во 2024 година системи се инсталирани на пет објекти во Струга – детската градинка „8-ми Март“, ООУ „Браќа Миладиновци“, СОУ „Нико Нестор“, како и подрачните училишта „Јонче Крежески“ во Мислешево и „Екрем Јакупи“ во Корошишта.

Вкупната инсталирана моќност на овие системи изнесува околу 178,2 киловати, а инвестицијата според проектната документација изнесува околу 8,85 милиони денари. Финансирањето е обезбедено преку Бирото за регионален развој и Општина Струга.

Дополнително, фотоволтаичен систем со моќност од 40 киловати е поставен на водоводниот систем за Делогожда, на локацијата „Извори“ во Џепин, со средства од општинскиот буџет. Со поддршка преку Швајцарската развојна агенција, Центарот за развој на Југозападниот плански регион и кофинансирање од Општина Струга, 40-киловатен систем е поставен и во ЈЗУ „Нефрологија“ – Струга.

Инвестициите во соларна енергија не се новина за струшките јавни објекти. Во периодот 2020–2021 година биле реализирани и пилот-системи во СОУ „Нико Нестор“ и ООУ „Браќа Миладиновци“, со капацитет од по 15 киловати, како и систем од 25 киловати кај резервоар за вода во близина на пумпната станица во село Шум.

Нови фасади и дограма во училиштата

Покрај производството на електрична енергија од обновливи извори, во изминатите пет години се реализирани и градежни интервенции за подобрување на енергетската ефикасност на училишните објекти.

Во ОУ „Бафтијар Бануши“ во Заграчани се инвестирани 3.049.648 денари во замена на дограмата и интервенции на фасадата, додека во училиштето во Мороишта за истите мерки се издвоени 2.344.596 денари.

Според податоците на Општината, преку Министерството за образование биле реализирани и интервенции на фасадата и дограмата на ООУ „Јосип Броз Тито“ во Струга.

Енергетски ефикасни мерки во претходниот период се спроведувале и во детската градинка „Сонце“, каде биле опфатени покривот и дограмата, во градинката „Пеперутка“ со замена на дограма, како и во средното музичко училиште, каде биле реализирани интервенции на покривот, дограмата, фасадата и подовите.

„За нас, енергетската ефикасност не е само инвестиција во енергија, туку инвестиција во подобри услови за граѓаните и во поодговорно управување со општинските средства.Нашата цел е јасна, јавните објекти да трошат помалку, средствата на Општината да се користат порационално, а граѓаните и учениците да добијат подобри услови. Во исто време, со намалувањето на потрошувачката ја намалуваме и нашата одговорност кон животната средина. Тоа е моделот на развој кон кој треба да се движи Струга“, вели градоначалникот Менди Ќура.

LED осветлување на 100 километри улици

Значајна мерка е и модернизацијата на јавното осветлување. Системот во 2023 година опфаќал 8.412 светлосни места во градот Струга и 52 населени места, со осветлување на околу 100 километри улици.

Во 2025 година започнала нова фаза на модернизација преку јавно-приватно партнерство, со поставување поефикасни LED-светилки и воспоставување централен систем за управување.

Според планските пресметки, со новата модернизација инсталираната моќност треба да се намали од 280,02 на 148,89 киловати. Годишната потрошувачка, пак, од 2.452.975 киловат-часови се очекува да се намали на околу 981.190 киловат-часови, што претставува заштеда од приближно 1,47 милиони киловат-часови годишно, односно околу 60 проценти.

Колкави се реалните заштеди?

Општината располага со база на податоци за потрошувачката на енергија во јавните објекти, но засега нема целосно проверени пост-реконструкциски резултати за секое училиште поединечно.

Проектните пресметки предвидуваат заштеди од околу 20 проценти кај мерките поврзани со градежната обвивка и 10 до 15 проценти преку оптимизација на системите за греење. Кај фотоволтаичните системи, за 40-киловатен систем се проценува годишно производство од околу 54.000 киловат-часови електрична енергија.

Во поновата база, изработена во рамки на Енергетскиот план за 2026 година, се опфатени 52 јавни објекти со вкупна корисна површина од 59.251 квадратен метар. Евидентирана е потрошувачка од 1.624.301 киловат-час и вкупен трошок од 30,46 милиони денари за електрична енергија и енергенси за греење.

Од Општината посочуваат дека зголемувањето на номиналните трошоци не може директно да се поврзе со зголемена потрошувачка, бидејќи во анализираниот период значително се менувале цените на електричната енергија и енергенсите за греење.

Следуваат нови инвестиции

Според Енергетскиот план, во јавниот сектор во Струга веќе се евидентирани фотоволтаични системи со вкупна инсталирана моќност од најмалку 258,2 киловати.

Дополнително, за периодот 2026–2027 година е планиран нов пакет фотоволтаични системи со вкупна моќност од 310 киловати. Според планските пресметки, тие би произведувале околу 418.500 киловат-часови електрична енергија годишно.

Меѓу објектите за кои се планираат дополнителни интервенции е ООУ „Мурат Лабуништа“, каде е предвидено поставување фотоволтаици, додека за ООУ „Јосип Броз Тито“ во Струга исто така се планира соларен систем. За ООУ „Св. Климент Охридски“ во Драслајца е предвидена реконструкција.

„Следниот чекор е да продолжиме таму каде што потенцијалот за заштеда е најголем. Енергетскиот план за 2026–2027 година предвидува нов пакет фотоволтаични системи со вкупна моќност од 310 киловати, со очекувано годишно производство од околу 418.500 киловат-часови електрична енергија.

Посебен фокус ќе имаат училиштата. Предвидени се фотоволтаици во ООУ „Мурат Лабуништа“ и ООУ „Јосип Броз Тито“ во Струга, како и реконструкција на ООУ „Св. Климент Охридски“ во Драслајца.

Паралелно, ќе продолжиме со следење на потрошувачката во сите јавни објекти, за инвестициите да ги насочуваме таму каде што можат да дадат најголем ефект. Не сакаме да инвестираме само за да кажеме дека сме инвестирале – сакаме секоја инвестиција да донесе конкретна заштеда и подобри услови за граѓаните.“, вели градоначалникот Менди Ќура.

Податоците покажуваат дека најголема специфична потрошувачка меѓу дел од анализираните училишта имаат ООУ „Единство“ во Октиси, со 78,62 kWh по квадратен метар, и ООУ „Зини Хани“ во Велешта, со 64,95 kWh по квадратен метар, што ги издвојува овие објекти како потенцијално значајни за идни мерки за енергетска ефикасност.

Од Општина Струга велат дека покрај конкретните инвестиции, се работи и на систематско следење на потрошувачката на електрична и топлинска енергија, водата, површината и начинот на користење на јавните објекти. Целта е идните инвестиции да се насочуваат кон објектите каде што потенцијалот за заштеда е најголем.

Целта на ваквите инвестиции е училиштата да добијат подобри услови за учениците и наставниот кадар, но и значително порационално користење на енергијата. Со реконструкција на објектите и примена на мерки за енергетска ефикасност се создаваат услови за намалување на топлинските загуби и потрошувачката на енергија, што во иднина значи и пониски трошоци за функционирање на училиштата.

За Струга, која има голем број јавни објекти и значителен туристички потенцијал, енергетската ефикасност претставува можност за создавање современа и одржлива локална инфраструктура – со помали трошоци, подобри услови за граѓаните и помало оптоварување врз животната средина.

   

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани