На последните ХХХ-ти пензионерски спортски игри, кои се одржаа на 2 септември 2026 година во спортскиот центар „Биљанини извори“ во Охрид, Марија Ѓура, Виолета Опетческа и Олга Јовческа, пензионерки и баби од Струга, се закитија со злато.
Овие три баби, натпреварувајќи се со најдобрите колешки од осум региони во Македонија, постигнаа најмногу голови во дисциплината шутирање „пенали“ на мали голови. Од можните петнаесет удари, успеаја да постигнат дури 13 гола, шутирајќи ја топката од десет метри кон голови со широчина од 125 сантиметри. Тие беа далеку попрецизни во постигнувањето голови и навистина станаа голгетерки на последната пензионерска олимпијада во Охрид, пред пензионерките на здруженијата од Гази Баба, Гостивар, Прилеп, Богданци, Пробиштип, Струмица и Македонска Каменица.
На оваа дисциплина, сиве години наназад на спортските пензионерски игри, покажавме и ние пензионерките – сите сме во седмата деценија од животот – дека Струга бил и останува фудбалски град во Македонија.
„Вежбавме многу, по трипати неделно, на теренот на ООУ „Јосип Броз Тито“ во Струга. Ни помагаше претседателот на Комисијата за спорт и секретар на ЗП Струга, Јован Попоски. Сите бевме добри и затоа го освоивме првото место“, ни рече капитенот на екипата, Марија Ѓура.
Тренинзите беа напорни, во најголемата жештина од летото, но работевме вредно. Упорноста и вербата дека сме добри ни донесоа победа.
„Ние како здружение вложивме многу во пензионерот-спортист, зашто, спортувајќи, пензионерите си го продолжуваат својот живот и го прават поинтересен и поздрав. Но, сепак, во спортот некогаш треба да те следи и среќа“, вели претседателот на Комисијата за спорт, Јован Попоски, бидејќи и самиот бил спортист и го доживеал тоа.
Текст и фото:
Стојан Кукунешоски
