Видео надзор против дивите депонии

ЈП Охридски Комуналец постави видео надзор на повеќе критични точки во Охрид и околината, каде во континуитет се создаваат диви депонии, со цел да се спречи понатамошното загадување и да се санкционираат несовесните граѓани.

Во изминатите десет дена, како што информираат од претпријатието, оперативните служби биле максимално ангажирани во расчистување на последиците од неодговорното однесување на поединци кои нелегално депонираат отпад.

Големи количини ѓубре биле евидентирани на повеќе локации, меѓу кои населбата Даљан, локалитетот Лабино, како и селата Рамне, Трпејца, Косел и Подмоље. Станува збор за кабаст отпад, зелен отпад и градежен шут, кој сериозно ја нарушува животната средина и остава долгорочни последици.

Со вонредно ангажирање на механизација и човечки ресурси, од овие локации биле подигнати вкупно 164 метри кубни отпад.

Од ЈП „Охридски комуналец“ информираат дека на најкритичните точки веќе е поставен видео надзор, при што секое прекршување на Законот за јавна чистота ќе биде санкционирано согласно законските прописи.

Од претпријатието апелираат до граѓаните да покажат поголема одговорност и свест, потенцирајќи дека Охрид како значаен туристички и духовен центар заслужува чиста, уредена и здрава животна средина.

Хаштагот „чисто е убаво“ повторно ја испраќа пораката дека грижата за околината е заедничка обврска на сите.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани