Владата денес заседава во Охрид

Владата на Република Северна Македонија својата редовна 8 седница ќе ја одржи денес (10.02.2020) во Охрид,  како петта од серијата седници што се одржуваат во 10 региони во земјата.

 

Централна точка на дневниот ред на оваа седница е информацијата за состојбите и извршените посети во општинитe Охрид, Струга, Ресен, Вевчани и Дебрца.

Во рамките на оваа точка градоначалниците на овие општини ќе презентираат информации од интерес на граѓаните и ќе информираат за одредени прашања и проекти од плановите за работа на локалните заедници, и согласно тоа, на седницата ќе се дадат насоки за политики и одлуки за проекти кои можат да се реализираат во соработка меѓу локалната и централната власт.

На седницата во Охрид ќе биде разгледаната и информацијата за присуството на Реактивната Мониторинг Мисија на УНЕСКО, како и информацијата за извршен инспекциски надзор на градби од прва категорија на подрачјето на општините Охрид и Струга и информацијата за превземените активности на овластените градежни инспектори за овие подрачја

На оваа седница, амбасадорката на Република Хрватска Нивес Тигањ пред министрите на Владата ќе ја презентира Програмата и приоритетите на Хрватското претседателство со Советот на Европската Унија.

Во рамките на теренските активности што ќе ѝ претходат на седницата, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски ќе направи увид со реконструкцијата и санацијата на колекторскиот систем и ќе ја посети фабриката ЛТХ Леарница Охрид. Покрај овие теренски активности, заедно со ЗПВРСМ Царовска и министерот Хасан ќе ја посетат и Братство Инокс во 15:30. 

Средби и други теренски активности во текот на денот во регионот ќе имаат и заменичката претседателка во владата задолжена за економските ресори Мила Царовска, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, министрите без ресор задолжени за странски инвестиции Зорица Апостолска и Елвир Хасан, како и министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани