Владата ги укина одлуките за задолжителни сертификати или прележаност од КОВИД-19 при влез во земјата.
Владата на Република Северна Македонија донесе одлука да ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и предлогот на Главниот координативен штаб, со која престанува да важи обврската на домашните и странските државјани кои влегуваат во нашата земја на граничниот премин задолжително да приложат сертификат за извршена вакцинација, сертификат за прележан КОВИД-19 во последните 180 дена, медицинска потврда за негативен ПЦР тест направен 72 часа пред влезот во Северна Македонија или негативен брз антиген тест направен 48 часа пред влезот во земјата.
На денешната седница Владата донесе одлука да биде укината и мерката домашна изолација/карантин во времетраење од седум дена за лицата кои при влез на граничните премини нема да приложат еден од досега предвидените сертификати или потврди.