Во Белчишта еко акција, ќе се садат садници

Во среда, 24 декември, на периферијата на Белчишкото Блато, во близина на селото Белчишта, ќе се реализира теренска еколошка акција за садење нативни дрвенести садници, како конкретна мерка за превенција од пожари и заштита на чувствителните природни подрачја.

Во активноста ќе учествуваат ученици од Основното општинско училиште „Дебрца“ од Белчишта и од ОУ „Кочо Рацин“ од Охрид, заедно со претставници на Општина Дебрца, локалната самоуправа, противпожарните служби и граѓански организации.

Целта на акцијата е младите директно да се вклучат во грижа за природата преку практична работа на терен, со воспоставување еколошки противпожарни појаси, кои претставуваат важна мерка за превенција од пожари и заштита на биодиверзитетот во чувствителните зони околу Белчишкото Блато.

Активноста се реализира во рамки на програмата финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка – Swiss Development and Cooperation (SDC) и иницијативата Landscape Fire Management – Western Balkans, имплементирана од „Фармахем“. Проектот „EcoFire Youth Ambassadors – Интеграција на управување со пожари, наследство и одржливост на Охридското Езеро“ го реализира Здружението за екологија „Екоменлог“ од Охрид.

Со садењето на нативните видови се придонесува кон намалување на ризикот од пределски пожари, стабилизација на почвата и долгорочна заштита на природните вредности, а воедно се јакне и еколошката свест и одговорност кај младите.

Како дел од проектните активности, паралелно со теренската работа се развива и мобилната апликација „EcoFire Youth“. Апликацијата е наменета за млади и граѓани кои сакаат активно да се вклучат во превенција од пожари и заштита на природата, преку едукација за пожарни ризици, пријавување на потенцијални опасности и пожари, како и учество во локални еколошки иницијативи.

„EcoFire Youth“ е веб-апликација што може да се користи директно преку мобилен телефон, без преземање од продавници за апликации, и претставува современа алатка за поврзување на младите, наставниците и пошироката јавност со конкретни активности за превенција и навремено реагирање.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани