Во Охрид е пронајдена временска машина – историјата проговори на јазикот на технологијата

Што ако можете да се вратите милиони години наназад, да прошетате низ Охрид кој повеќе не постои, да разговарате со личности кои одамна не се меѓу нас, а потоа да погледнете и во градот кој допрва треба да биде создаден?

Токму такво патување низ времето сега е можно во Охрид.

„Охридски времеплов“ е замислен како првиот дигитален интерактивен музеј од ваков вид во Македонија и на Балканот, простор во кој историјата не е само изложена, туку оживува, зборува и комуницира со посетителот.

Еден од коосновачите и технолошки архитекти на проектот е Сефиданис. Со современи технологии, стариот Охрид добива нов начин на раскажување. Охридскиот фенер оживува и ги открива тајните на градот, додека прозорците со аугментирана реалност отвораат поглед кон минатото. Преку виртуелни светови посетителите можат да влезат во исчезнати храмови и антички локалитети.

Особено впечатливо е патувањето низ дигиталниот аквариум, кој посетителите ги враќа милиони години наназад. Таму ендемските видови на Охридското Езеро самите ги раскажуваат приказните за езерото и неговиот уникатен жив свет.

Во „Охридскиот времеплов“ повторно оживува и Григор Прличев – не само како историска личност, туку како интерактивна холографска биста со која посетителот може да разговара. Дигиталниот свиток, пак, го чува книжевното и духовното наследство, од старите евангелија до „Сердарот“.

Технологијата се среќава и со уметноста. Во посебна соба посетителите можат да создаваат со генеративна вештачка интелигенција, додека преку 3Д-скенирање и интерактивни туторијали, традиционалните македонски ора се учат со сопственото тело.

Приказната ја дополнуваат фотографиите на Христо Узунов и Јасна Ристеска, а собата на носталгијата го враќа посетителот во Охрид од времето на СФРЈ.

И кога ќе помислите дека патувањето низ времето завршува – започнува иднината.

Во собата на иднината, посетителот не гледа само како би можел да изгледа Охрид, туку сам го создава Охрид кој сè уште не постои.

Зад овој амбициозен проект стои тимот на Ана Попоска, Павел Тасков, Влатко Домазетоски, Абдула Бајрам, Дарко Крлески и Ангел Крстески, со поддршка и инспирација од Есра Сефиданис.

Проектот е реализиран со основачкиот партнер Катерина Упевче Потер и нејзиниот тим, а во неговото создавање учествуваат и стручни институции и соработници, меѓу кои НУ Завод и Музеј – Охрид, ЈНУ Хидробиолошки институт – Охрид, НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид и галеријата „Букефал“.

„Охридски времеплов“ затоа не е само музеј.

Тоа е средба меѓу минатото и иднината, меѓу паметењето и визијата.

Место каде што историјата повеќе не стои немо зад стакло, туку зборува, се движи, оживува и создава нови светови – во директен разговор со посетителот.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани