Недостиг на лекови и помагала, административни пречки и долгото чекање за прегледи и интервенции се најчестите проблеми со кои се соочуваат пациентите. Дел од граѓаните се недоволно информирани и имат недоверба кон институциите, што дополнително го отежнува пристапот до здравствена заштита.
Ова беше истакнато на првиот Социо-здравствен саем што од денес се одржува во Охрид, а има за цел да ги доближи институциите, здравствените работници и пациентите.
„Често слушаме дека не можат да остварат право на нега, инвалидска пензија, дека има административни бариери. Но, од разговорите што ги водевме изминативе месеци, мислам дека најголем проблем е и стравот, како и предрасудите кон институциите. Граѓаните често велат дека системот не функционира, дека нема лекови или помагала, но кога ќе ги прашаме дали побарале помош – најчесто не го направиле тоа“, вели Димче Каневче од Здружението на дијабетичари Охрид.
„Понекогаш се случува да недостасува одредена група на лекови и тогаш пациентите имаат проблем со лекувањето, а голем предизвик е и цената на лековите.С ега Фондот на здравство најави одредено намалување на цените на одредени категории лекови кои што пациентите многу често и користат и се навистина потребни “, вели д-р Кристина Митреска.
Преку панел-дискусии со лекари специјалисти и отворени разговори за хронични заболувања и ментално здравје, се очекува да се надминат бариерите на релација здравство – пациенти.
„Како општествено одговорна компанија, аптеките „Виа Фарм“ активно го поддржуваат овој настан, затоа што веруваме дека здравјето започнува со информираност и навремена превенција. Целта ни е да придонесеме кон зголемување на знаењата кај граѓаните за здравствените услуги, но и да ги доближиме институциите и мерките што им стојат на располагање, особено на ранливите категории. Преку вакви настани се создава простор за директна комуникација, доверба и подобра соработка помеѓу пациентите, здравствените работници и компаниите“, вели Марица Угриноска Баткоска, сопственичка на аптеките „Виа Фарм“ и организатор на саемот.
„Целта на овие настани е да се истакне колку е важно менталното здравје. Без стабилна ментална состојба не можеме да бидеме здрави – тоа е тесно поврзано со физичкото и духовното здравје“, изјави Ристана Николоска сопственичка на советувалиште за ментално здравје „Психонаутика“.
На социо-здравствениот саем учествуваат околу 20 здравствени установи, компании и организации, како и лекари и здруженија на пациенти. Саемот е во органзиација на Здружението ан дијабетичари, аптеки „Виа-Фарм“ и центарот „Психонаутика“ со поддршка на општина Охрид.
Новинар Соња Рилковска









