Во Охрид се одржува јубилејната 15-та Школа за млади лидери на поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов. Во периодот од 1-13 октомври школата се одвива комбинирано, онлајн и во Охрид. Оваа година, под темата „Лидерство за мир“, младите учесници имаат можност да ги надградат своите вештини и визии за постигнување на траен и одржлив мир во светот.

Програмата на Школата е осмислена така што им овозможува на учесниците да ги подобрат своите лидерски вештини, критичкото размислување, капацитетот за соработка, како и да ги надградат способностите за иницирање и спроведување позитивни промени. Преку предавањата, работилниците, посебните сесии, панел дискусиите и практичните проекти, млади учесници ќе имаат можност да научат како да го искористат својот потенцијал за градење на мирот и заеднички да создаваат решенија за глобалните предизвици. 20-тина предавачи и повеќе од 30 панелисти и говорници од Македонија и од странство ќе споделат дел од своето искуство и знаење со учесниците.
Школата е организирана од Кабинетот на поранешниот претседател Иванов во партнерство со Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ International Center Alliance of Civilizations и Алумни Асоцијацијата „Иванов Школа за лидери“ Ivanov School of Leaders – Alumni Association (ISLAA).
Со крајна цел инвестиција во идните и потенцијални лидери, овој проект е целосно поддржан од бизнис секторот во земјата. Спонзори и поддржувачи се повеќе општествено одговорни компании од Република Македонија, некои од самиот почеток на школата.
Школата за млади лидери е иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов која започна на почетокот на неговиот прв мандат. Првата Меѓународна обука за млади лидери се одржа во 2010 година. Оттогаш, во текот на досегашните 14 школи, учествуваа околу 550 млади луѓе од земјата и од странство, со различна академска и професионална позадина. Во рамки на Школата за млади лидери, низ годините до сега предавања одржаа над 350 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот.
