Во охридското село Оровник, на 25 и 26 април ќе се одржи голем духовен и црковен настан, при што за првпат ќе биде организирана свечена литија со моштите и иконата на Св. великомаченица Недела.
Настанот започнува на 25 април во 16:00 часот со собирање на учесниците пред храмот Св. пророк Илија, по што ќе следи пристигнување на моштите и нивно внесување во храмот со соодветен црковен обред.
Литијата ќе започне во 17:00 часот, со строго утврден редослед во кој ќе учествуваат крстови, бајраци, црковен хор, дувачки оркестар, свештенство, како и носителите на иконата и моштите. Колоната ќе се движи кон манастирот Св. Недела, каде верниците ќе можат да се поклонат.
Во 18:00 часот ќе се одржи вечерна богослужба, а вечерта ќе продолжи со културно-уметничка програма и настап на деца од православната младина.
Организаторите информираат дека ќе бидат ангажирани редари и обезбедување за непречено одвивање на настанот, апелирајќи до присутните да го проследат настанот со смиреност и во христијански дух.
Свеченостите продолжуваат и на 26 април со утринска богослужба, по што ќе следи пречек на митрополитите Георгиј и Петар, како и епископот Климент.
Во 09:15 часот ќе започне Света Архиерејска Литургија, по која ќе се одржи мал водосвет и прекршување на празничниот колач. Програмата ќе заврши со културно-уметнички настап и заеднички ручек во манастирот.
Овој настан претставува значаен духовен собир за верниците од регионот, со очекување да привлече голем број посетители и да прерасне во традиција.
